Задолжителна задолжница од Нова година, се регулираат должничко-доверителските односи

11.11.2014 16:49

Фирмите велат дека таа е добар инструмент за обезбедување на побарувањата особено со нови комитенти, но забележуваат на нејзината задолжителност...

Државата ги менува правилата на игра во бизнисот. Ќе се дисциплинираат фирмите неплаќачи. Задолжницата е добар инструмент, велат сите, но нејзината доброволност беше причина да не се користи масовно. За 25 месеци биле издадени вкупно 94, во просек скоро 4 месечно.

„Како што сега е поставен законот за секоја обврска поголема од 300 илјади денари ќе мора да се издаде задолжница, рече Јане Севдински од министерството за финансии.

Фирмите велат дека таа е добар инструмент за обезбедување на побарувањата особено со нови комитенти, но забележуваат на нејзината задолжителност.

„Замислете вие како фирма да имате 20-30 фактури дневно на износи поголеми од 300 илјади денари. Тоа значи дека човек од вашата компанија ќе мора секој ден да оди кај нотар да бие составена задолжницата, а задолжително е и присуството на должникот и на доверителот, вели Хари Ајцев од „Македонски телеком“ А.Д. Скопје.

Компаративните искуства велат дека задолжницата е доброволен инструмент за обезбедување, тврдат правниците кои во задолжителноста гледаат тренд на дисциплинирање на должниците.

 „Едно е забележливо во нашето законодавство, дека постои тенденција на финансиско дисциплинирање на деловните субјекти не само во законот за задолжница туку и во законот за финансиска дисциплина”, рече Даница Миладинова од здружение на правници. 

Трошоците околу задолжницата се движат од 4 до 5 илјади денари, велат правниците, а ја составува нотар преку интернет.

Регистарот на сите издадени задолжници го води Централнот регистар, а пријавите се чуваат во системот уште 5 години од денот на бришење.

Свето Николовски