Зошто зачестија смртните случаи на мигранти на македонските пруги?
За три децении бил сведок кога полицијата ги симнувала мигрантите од возовите. Според Пејковски, ни во време на војните во соседството немало толкав наплив мигранти како сега...

Наместо пат кон светла иднина и подобро утре, мигрантите често го завршуваат животот на пругата на Коридор 10. Машиновозачот Ристо Пејковски, кој триесет години е на македонските пруги, има стотици приказни за судбината на овие луѓе.
„Тие одат во група. Нивната психофизичка состојба е на ниско ниво. Ако малку застанат, тие заспиваат. Група од 8 - 10 луѓе седнале среде пругата. Јас им свирев, тие не регираа, си велев, готово ќе ги прегазам. Се тетерават лево- десно, не знаат кај сѐ. Среќа се свестија и се тргнаа од пругата“, објаснува Ристо Пејовски, машиновозач.
За три децении бил сведок кога полицијата ги симнувала мигрантите од возовите. Според Пејковски, ни во време на војните во соседството немало толкав наплив мигранти како сега.
„Во последните денови зачестени се таквите случаи. Единствено нешто што можеме да направиме е со координирани акции на сите надлежни колку што можеме да го спречиме движењето по пругите“, изјави Оливер Дерковски, директор на „МЖ Транспорт“.
Дерковски потсетува дека возовите се движат со брзина од 100 километри на час, откако ќе почне машиновозачот да сопира до целосно запирање на возот му требаат 1.200 метри.
За десет дена загинаа 4 мигранти од Блискиот Исток. Меѓу нив имаше и бебе.
Наташа Јанчиќ
