Измените за безбедност при работа ќе бидат презентирани пред компаниите
12.11.2014 08:38
Со најновите законски измени ќе се зајакне улогата и влијанието на синдикатот во заштитата и безбедноста при работа...

Стопанската комора на Македонија и Македонското здружение за заштита при работа денеска организираат семинар за најновите измени на Законот за заштита и безбедност при работа.
На семинарот се очекува да се обратат претставници од Министерството за труд и социјална политика, Сојузот на синдикати на Македонија и Организацијата на работодавачи кои учествуваа во креирањето на законските измени.
Со најновите законски измени ќе се зајакне улогата и влијанието на синдикатот во заштитата и безбедноста при работа. Работодавачот ќе треба да подготви изјава за безбедност за секое работно место, да овозможи претставник на вработените или претседателот на синдикалната организација да учествува во утврдувањето на недостатоците и подобрувањето на условите за работа, како и да ги консултира при набавка на работна опрема или воведување на нова технологија во работењето.
Меѓу другото, претставникот на вработените ќе има право најмалку два пати годишно да ги обиколи работните места заради согледување на состојбата со безбедноста при работа.
