Одбележан Денот на ветераните во САД
Во Соединетите Американски Држави има над 22 милиони ветерани од сите воени конфликти во светот. Најстарите ветерани се од Втората Светска Војна, а најмладите од воените операции во Авганистан и Ирак. Меѓу американските ветерани има и ветерани од македонско потекло коишто служеле во американските вооружени сили...

Со завршувањето на мисијата во Авганистан до крајот на оваа година ќе се зголеми и бројот на американски ветерани. Американските војници се исправени пред нов предизвик со операцијата против Исламската држава во Сирија и во Ирак. На овој ден, Американците им оддаваат почит на сите војници коишто служеле во некои од воените конфликти во светот.
„Јас сум од Далас, Тексас и сум ветеран од Виетнам“.
„Учествував во Песочна Бура во Ирак. Сега работам за организацијата за парализирани ветерани на Америка.“
„Јас сум ветеран од Виетнам и Ирак. Досега немав можност да присуствувам на церемонијата за ветераните“, велат ветераните кои случајно ги анкетиравме.
Малку е познато дека меѓу ветераните има и Македонци по потекло, како пензионираниот полковник Владимир Ацев. Ацев е роден во Гери, Индијана од родители Македонци коишто се доселиле во Америка. Двапати служел во Виетнам за што бил и одликуван со бронзена ѕвезда. Внуката на Ацев е исто така мажена за Македонец од Сиракуз, Њујорк , којшто во моментов служи во американската морнарица.
„Како поранешно воено лице, многу сум заинтересиран и за безбедноста на Македонија“, вели Владимир Ацев, Македонец- ветеран од Виетнам.
Ветераните по враќањето во Америка се соочуваат со проблеми со прилагодувањето на цивилниот живот и со недостиг на медицинска грижа. Дневно во Америка се самоубиваат околу 22-ца ветерани. Состојбата е алармантна, па затоа американскиот Претседател Барак Обама во пораката за Денот на ветераните побара од Американците да им се одолжат на сите ветерани коишто се бореле во мисии во светот за да ја зачуваат безбедноста на Америка.
Последните анализи на Департментот за ветерански прашања покажуваат дека до 2040-та година, бројот на ветерани во Америка од нешто над 22 милиони ќе се намали на 14 милиони ветерани.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
