Подготовки за следната сезона: Денови на медитеранска кујна во Охрид

12.11.2014 10:42

Во Охрид сезоната одамна заврши, но угостителите, преку денови на италијанската и на грчката кујна се подготвуваат за туристите следната година. Гиро, суфлаки, раванија, беа понудени на трпезата...

Понудата во нашите угостителски објекти е стандардизирана и монотона. Со цел да се подобри квалитетот на услугите секој ресторан треба да се наметне со сопствен печат и специфична понуда. Само на тој начин можеме да очекуваме дека гостите ќе бидат задоволни по посетата на македонските угостителски објекти, велат експертите.

„Не може секој ресторан да биде специјализиран за скара, пица, морска храна или други специјалитети. Значи секогаш мора да се развива само во една насока и тоа е многу важно“, вели проф. д-р Ангела Василеска.

„Факултетот ги продолжува напорите да ги доближи бизнисот со образованието и на тој начин на студентите да им се пренесат сите знаења и искуства кои што ги имаат веќе вештите мајстори и бизнисмени“, нагласува деканот на Факултетот за туризам и угостителство-Охрид, проф. д-р Сашо Коруноски.

Студентите гастрономските вештини денеска ги учеа од единствениот македонец кој во Грција, на Тасос, во својот ресторан им продавал гиро на грците. Од овој бизнис може добро да се живее, вели тој.

„И затоа сакам да го пренесам на сите што се во таа дејност. Да го пренесам моето долгогодишно искуство во Грција и овде“, вели угостителот Сашо Донев.

По деновите на италијанската и грчката кујна,во рамките на запознавањето на студентите со специфичностите на медитеранската кујна на почетокот на наредната година ќе се организира и Ден на истарската,односно хрватската кујна.

 

Сашо Нелоски