Врвни доктори од Лос Анџелес ги обучуваат македонските доктори и психолози во областа на аутизмот

12.11.2014 11:04

Тимот го сочинуваат вкупно четири доктори и професори со повеќегодишно искуство во центарот за третман на аутизам во рамките на Универзитетот во Калифорнија- еден од најдобрите во областа на медицината...

Во текот на изминатава недела, во Република Македонија престојува тим на врвни експерти од областа на аутизмот, со кои Министерството за здравство успешно ја развива соработката. Тимот го сочинуваат вкупно 4 доктори и професори со повеќегодишно искуство во Центарот за истражување и третман на аутизам, во рамки на Универзитетот на Калифорнија, Лос Анџелес (UCLA) кој претставува еден од најпрестижните едукативни центри во светот. 
Универзитетот на Калифорнија, Лос Анџелес (UCLA) во 2014 година е рангиран на деветтото место на најдобрите универзитети во областа на медицината, согласно Шангајската листа на најдобри универзитети во светот. Тимот на доктори од овој универзитет соработува и со престижната организација со седиште во САД, Autism speaks.
 
Тимот за аутизам предводен од професор доктор Кони Касари, во изминатиот период континуирано ги обучува македонските доктори за примена на најсовремени методи за третман на деца со аутизам, преку изучување на програми кои се применуваат во повеќе земји во Европа и светот, меѓу кои: ABA, JASPER, SPACE и други. Дел од едукацијата тимот ја спроведува преку видео-конференциски врски, или таканаречениот метод на webinar. За време на престојот во Македонија, тимот целосно беше посветен на практичното спроведување на споменатите методи. 
 
Во текот на вчерашниот ден, тимот оствари средба со Министерот за здравство, Никола Тодоров, на која се разговараше за потребата од воведување на програма за рано детектирање и третирање на деца со аутизам, по примерот на американскиот модел на ваква програма. Целта е со имплементирање на програмата да се обезбеди третман за овие деца од најмалку 20 часа неделно, што ќе претставува голем чекор во насока на унапредување на состојбата од најраната возраст на децата со аутизам, чиј третман моментално се сведува на неколку часа неделно.
 
Предвидено е зајакнување на улогата на домашната визита, која согласно моделот кој беше сугериран од врвните експерти од САД, ќе ја спроведуваат дефектолозите, и ќе биде фокусирана на посета на деца со аутизам, а за таа цел е предвидено спроведување на интензивна обука за дефектолозите.
 
Обуките од врвните експерти од областа на аутизмот се спроведуваат во пресрет на формирањето на Центар за аутизам, како дел од проектите на Владата на Република Македонија за периодот 2014 – 2018 година. Согласно Програмата, предвидено е Центарот да биде формиран во 2017 година, со цел вршење рана дијагностика и третман на лица со аутизам од страна на специјално обучени доктори и психолози, со примена на мултидисциплинарен пристап.