ЕБОР одобри 305 милиони евра за пругата кон Бугарија и за изградба на нови патишта

12.11.2014 11:31

Средствата се добиени под исклучително поволни услови (условите се исти за двата кредита): рок на отплата 15 години со грејс период од 4 години и каматна стапка која во моментов изнесува 1,15% (6 - месечен ЕУРИБОР плус 1%)...

Европската банка за обнова и развој и одобри на Република Македонија средства во вкупен износ од 305 милиони евра и тоа: 145 милиони евра за втората фаза од железничката пруга кон Бугарија, односно Бељаковце – Крива Паланка и 160 милиони евра за Програмата за национални патишта, соопштува Министерството за финансии.

Средствата се добиени под исклучително поволни услови (условите се исти за двата кредита): рок на отплата 15 години со грејс период од 4 години и каматна стапка која во моментов изнесува 1,15% (6 - месечен ЕУРИБОР плус 1%).

Со 145-те милиони евра кои ги одобри ЕБОР за изградба и реконструкција на постоечките делови од железничката пруга од Бељаковце до Крива Паланка, обезбедени се сите потребни средства за да се заврши втората фаза за поврзување на пругата кон Република Бугарија . Со изградбата на оваа делница ќе се создадат поволни услови за насочување на економијата кон меѓународниот глобален пазар, потикнување на инвестициите и зголемување на бруто домашниот производ.

За квалитетна подготовка на втората фаза ЕБОР преку инструментот Инвестициска рамка за Западен Балкан на РМ и додели грант во износ од 5.700.000 евра за изработка на основниот проект и покривање на дел од трошоците за надзор на градежните работи. Дополнително, ЕБОР ќе обезбеди грант средства во износ од 670.000 евра за консултантска помош за имплементација на проектот.

За Делницата 3 од Коридорот VIII: Крива Паланка – граница со Република Бугарија средствата ќе се обезбедат по завршување на сите подготвителни активности за оваа делница. Финансирањето ќе се обезбеди со  грант од ИПА 2014-2020 и заем од меѓународни финансиски институции.

ЕБОР одобри и 160 милиони евра за Програмата за национални патишта. Овој проект е дел од политиката на Владата за подобрување на квалитетот на патната инфраструктура во Република Македонија.  Проектот ќе го имплементира ЈП за државни патишта.

Реализацијата на Програмата за национални патишта ќе биде поделена во две транши.