НБА

Новицки 9 стрелец , Данкан 11 скокач, Брајант со најмногу промашувања во историјата

12.11.2014 11:49

Далас го совлада Сакраменто со 106 : 98 предводен од Дирк Новицки со 23 поени, кој се искачи на 9 место на вечната листа на стрелци...

Од шесте натпревари во НБА лигата одиграни рано изутрина, само актуелниот шампион Сан Антонио се избори за гостинска победа. Против екипата на Голден Стејт “спарси“ славеа со 113 : 100, предводени од големото трио Паркер –Џинобили - Данкан. Французинот беше најефикасен со 28 поени, Аргентинецот додаде 17 од клупата а Данкан оствари “дабл дабл“ со 12 поени и 13 скокови, кои придонесоа да стане 11 кошаркар во историјата кој успеал да дојде до 14.000 освоени топки под обрачите.

Далас го совлада Сакраменто со 106 : 98 предводен од Дирк Новицки со 23 поени, кој се искачи на 9 место на вечната листа на стрелци со 26.953 поени и зад себе го остави легендарниот центар Хаким Олајџувон, кој е на 10 позиција со 7 помалку. Следен предизвик за најдобриот германски кошаркар на сите времиња се Елвин Хејс и Мозес Мелоун кои имаат 360, односно 456 поени повеќе и може да се случи до крајот на сезонава Новицки да дојде и до 7 место во историјата.

Во ноќта на индивидуалните рекордни остварувања е и името на мега звездата Коби Брајант, кој стана кошаркар со најголем број промашувања. Во својот 1250 натпревар кој ЛА Лејкерс го загуби во Мемфис 107 : 102 тој дојде до 13.421 неуспешен шут и го мина досегашниот “лидер“ Џон Хавличек кој е сега втор со 4 промашувања помалку. За утеха Коби имаше добар настап со 28 поени 7 скокови и 6 асистенции, додека Мајк Конли јуниор придонесе со 23 поени кај победникот.

Торонто беше поуспешен од Орландо 104 : 100 благодарение на тимската игра во која шестмина се запишаа меѓу стрелците, а најдобар Ловри со 19 поени и 7 асистенции, додека на гостите не им помогнаа ни 24 поени на Фурние ниту 23 на Харис.

Многу слична завршница се случи и во Портланд, а “блејзерси“ славеа со 102 : 100 против Шарлот со пресврт во последната четвртина која ја добија со 27 : 15. Лилард постигна 29 кај победникот, а Џеферсон 22 во редовите на гостите. Најнеефикасно беше во Милвоки каде што домашните ја совладаа Оклахома со 85 : 78 предводени од Најт со 16 поени, додека кај поразената екипа 29 постигна Џексон.