Спектакуларно шоу вечерва на „Скопски фестивал“
Кој ќе го обезбеди билетот за Евровизија 2015– та, одлучуваат гледачите преку телевоутинг и членови на меѓународно стручно жири од седум Европски радио- дифузни сервиси, во однос 50: 50%, според Евровизискиот принцип на одредување на победникот. ..

Во годината на своите значајни јубилеи: 70 години на Македонското Радио и 50 години на Македонската Телевизија, но и во пресрет на прославата на 60 – тото јубилејно издание на Изборот за песна на Евровизија , идната година во Австрија, Виена 2015- та, вечерва со почеток во 20.15 часот, а со пренос на МРТ1, на сцената на „Метрополис“ арената во Скопје, ќе се одржи Фестивалот на забавни мелодии – Скопје 2014.
На фестивалот ќе бидат исполнети дваесет нови композиции, а македонските музички ѕвезди ќе настапат во придружба на големиот Ревиски оркестар на Македонската радио телевизија.
За трите најдобри ќе бидат доделени вредни парични награди: 20 илјади евра во денарска противвредност за првопласираната, 10 илјади за второпласираната и 5 илјади евра во денарска противвредност за трето пласираниот инерпретатор и композиција.
Кој ќе го обезбеди билетот за Евровизија 2015– та, одлучуваат гледачите преку телевоутинг и членови на меѓународно стручно жири од седум Европски радио- дифузни сервиси, во однос 50: 50%, според Евровизискиот принцип на одредување на победникот. Секое национално жири ќе биде составено од по 5 члена, личности од светот на музиката потврдени во својата област со професионален кредибилитет и богата домашна и интренационалнa биографија или кариера.
Во ревијалниот дел на фестивалот оваа година настапуваат специјалните гости, поп дивите на македонската музичка сцена, Калиопи и Каролина коишто и самите се дел од историскиот развој на Скопскиот фестивал, а истовремено се и на двапати секоја одделно, македонски представници на Изборот за песна на Евровизија.
Наградата за животно дело и придонес во создавањето и афирмирањето на Скопскиот фестивал, а со тоа и на македонската музичка историја, ќе му се додели на композиторот Димитар Масевски, којшто целиот свој работен век го помина во МРТ.
Спектакуларната сцена, долга 25 метри со моќни аудио– визуелни перформанси, дизајнирана по теркот на големите Евровизиски сцени, ќе биде во функција на секој од интерпретаторите и изведбата во живо на нивните композиции.
Водител и на ова издание на Фестивалот на забавни мелодии- Скопје 2014 е нашиот познат актер Васил Зафирчев чијшто водителски и музичко сценски перформанс ќе направи магично поврзување на историскиот развој на музичките феномени од културолошки аспект: Скопскиот фестивал и Изборот за песна на Евровизија.
