30-дневен притвор за осомничениот за трикратното убиство во Кавадарци

12.11.2014 14:40

Осомничениот беше приведен вчера во 11 часот и 30 минути во близина на Градските гробишта во Кавадарци...

Осомничениот за трикратното убиство во Кавадарци Т.С. (40), со кривична пријава за сторено кривично дело „убиство“ е изведен пред надлежен јавен обвинител во Велес и му е изречена мерка притвор во траење од 30 дена. Осомничениот беше приведен вчера во 11 часот и 30 минути во близина на Градските гробишта во Кавадарци.

Портпаролот на СВР Велес, Анита Стојковска, соопшти дека по претходно добиени оперативни сознанија бил извршен претрес на терен на северната страна на градските гробишта во Кавадарци, при што Т.С. бил забележан од полициските службеници на оддалеченост од околу 20 метри.

„Издадена му е наредба да застане, но тој извадил пиштол и цело време го држел во десната рака со цевката надолу кон земјата. Повторно му е издадена наредба да застане, но ја одбил и се дал во бегство, по што од страна на полициски службеници испукани се неколку предупредувачки истрели во воздух. Осомничениот продолжил да бега низ околните улици, но повторно влегол во градските гробишта каде е обиколен од повеќе полициски службеници. По кратко убедување го спуштил пиштолот и од страна на полициските службеници е лишен од слобода“, појасни Стојковска.