Дојран доби модерна градинка

12.11.2014 14:47

Спасов нагласи дека Министерството за труд и социјална политика ќе продолжи и понатаму со инвестиции кои се во насока на зголемување на капацитетите за згрижување на деца од предучилишна возраст...

Mинистерот за труд и социјална политика Диме Спасов и градоначалникот на општина Дојран, Борче Стамов денеска ја отворија Јавната општинска установа за деца - детска градинка „КОКИЧЕ“ во Дојран.
 
„Градинката ја опремивме со најсоодветна и модерна опрема и ги создадовме сите неопходни услови по сите современи стандарди за Општина Дојран да добие една врвна детска градинка со капацитет за згрижување до 50 дечиња. Имено Општина Дојран до сега воопшто немаше посебна  градинка и со ова значително се подобрува квалитетот на услугите за децата од предучилишна возраст кои што ќе ги дава понатаму оваа Јавна општинска установа за згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст. Инвестицијата на министерството за труд и социјална политика е од пет милиони денари и е практично во насока на реновирање на овој објект. Имено, пред од прилика година и половина, кога бевме во посета на Општина Дојран го посетивме и овој објект кој што порано бил детско одморалиште и беше значително во  руинирана состојба и немаше никаква употреблива вредност. Заедно со градоначалникот на Општина Дојран се договоривме Министерството за труд и социјална политика во наредниот период да инвестира, истото ветување им го дадовме и на граѓаните и практично од еден руиниран објект денес ова претставува еден модерен и современ објкт кој што ги исполнува сите стандарди“, изјави министерот Спасов.
 
Спасов нагласи дека Министерството за труд и социјална политика ќе продолжи и понатаму со инвестиции кои се во насока на зголемување на капацитетите за згрижување на деца од предучилишна возраст.