Канческа- Милевска ја прими добитничката на многу награди, виолинистката Ева Богоевска
Министерството за култура го препозна уметничкиот капацитет на Ева Богоевска. Каде и да оди, таа ниже награди, рече министерката Канческа...

Македонското сонце го огреа сивиот Санкт Петербург. На престижниот фестивал за музика „Сребрен камертон”, младата Ева Богоевска го освои лауреатот од прв степен. Допре срцата на публиката и стручното жири составено од еминентни педагози од познати светски конзерваториуми. Задоволството е поголемо што меѓу 150 натпреварувачи од целиот свет, токму Ева и донесе победа на Македонија.
„Бев горда и на себе, но секако и на мојата земја. Среќна сум што усепеав да ја оправдам довербата на сите оние кои веруваа и ме поддржуваа во мојот успех“, изјави виолинистката Ева Богоевска.
Во културната престолнина на Русија, Ева се претстави со делата Цигански Напеви од Пабло Сарасате и делото на нашиот композитор Живоин Глишиќ, Варијации на традиционална тема за соло виолина. Ева работеше со нашите виолинисти и педагози Ана и Олег Кондратенко.
„Ова наше заедничко дело вроди со големи успеси. Убав плод, како што кажа Ева добивме многу убави пофалби и критики“, вели професорката Ана Кондратенко.
Министерството за култура го препозна уметничкиот капацитет на Ева Богоевска. Каде и да оди, таа ниже награди, рече министерката Канческа.
„Во претходниот период на многу настапи Ева освои многу вредни награди“, изјави министерката за култура, Елизабета Канческа- Милевска.
Вежба по 8 часа дневно, вели дека не знае што е трема и на секој нејзин јавен настап излегува полна со самодоверба. Ужива и живее за музиката, а кога во нешто се прави од срце, успехот е неизбежен.
Александра Перевска
