НБРМ: Економијата закрепнува со солидно темпо

12.11.2014 15:50

Според НБРМ, податоците за економската активност за вториот квартал ги потврдија очекувањата за солидно закрепнување на домашната економија, со остварен реален раст на БДП од 4,3%...

Според оцената на НБРМ, донесена на редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика, економијата и понатаму закрепнува со солидно темпо, во еден дел поддржана и преку кредитната активност на домашните банки. Економското закрепнување се одвива во отсуство на ценовни притисоци. Ваквите движења упатуваат на постоење соодветен амбиент за одржливо закрепнување на приватниот сектор, при што повторно е оценето од страна на НБРМ дека досегашната поддршка на домашната економија преку преземените мерки на монетарната политика е доволна.

Според НБРМ, податоците за економската активност за вториот квартал ги потврдија очекувањата за солидно закрепнување на домашната економија, со остварен реален раст на БДП од 4,3%. Најновите високофреквентни показатели за третото тримесечје од 2014 година упатуваат на задржување на овие поволни трендови, со различни движења кај клучните сектори. Имено, индустријата и трговијата во септември и август, соодветно, забрзано растат на годишна основа, наспроти вредноста на извршените градежни работи, која бележи пад и влијае за забавување на растот. Оцените на НБРМ и понатаму покажуваат дека растот на економијата нема да предизвика поголеми нерамнотежи во економијата.

Најновите податоци за инфлацијата во октомври 2014 година покажуваат мал месечен раст на општото ниво на цени од 0,2%. На годишна и на збирна основа инфлацијата бележи негативна стапка од 0,4% и 0,3%, соодветно, главно како резултат на пониските цени кај прехранбената компонента и на цените на нафтата.

По високото акумулирање на девизните резерви во третото тримесечје, во најголем дел заради надворешното задолжување на државата, во октомври девизните резерви забележаа мал месечен пад. Ваквата промена на девизните резерви се очекуваше, при што показателите на адекватност на девизните резерви и понатаму укажуваат на доволно ниво на девизни резерви за справување со евентуални, непредвидени шокови.

Првичните податоци за октомври укажуваат на натамошни поволни трендови кај кредитната активност, чијшто годишен раст забрза и достигна 9,7%. Во октомври, раст остварија и депозитите, иако поумерен, и на годишна основа се зголемија за 8,5%.