Нови 305 милиони евра од ЕБОР за инфраструктура
Европската банка за обнова и развој го одврза ќесето за Македонија. Обезбедени се 305 милиони евра, под исклучително поволни услови, за инфраструктурни проекти. Со парите ќе се кредитира изградбата на пругата кон Бугарија, на нови автопати и ескпресни патишта.

Со 305 милиони евра, ЕБОР го засилува градежниот бум во земјава.
145 милиони евра се за реализација на втората делница од пругата кон Бугарија, на потегот од Бељаковце до Крива Паланка, со што целосно е затворена финансиската конструкција. Како грант ни се дадени и повеќе од шест милиони евра за изведба на основниот проект, како и за трошоците за надзор и консултанска помош.
„Со овие 145 се обезбедуваат пари за непречена реализација на овој стратешки проект за Р.Македонија, преку кој ќе се отвори нов коридор за македонското стопанство, за граѓаните. Со ова се покажа дека проектот е прифатлив за ЕБОР“, рече Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.
160 милиони евра во две транши од ЕБОР се наменети за патната инфраструктура. Парите ќе се искористат за изградба на неколку експресни патишта: Градско – Прилеп кај Дреново, Штип – Кочани, кој е клучен за позасилен економски развој на источна Македонија, како и Охрид – Пештани, а автопатско решение е предвидено од Струга до Требеништа.
„Со ваква сериозна инвестиција во патната и во железничката мрежа, на краток рок, ќе се даде силна поддршка на македонското стопанство и на македонските фирми кои ќе бидат ангажирани на изградбата, а на долг рок, ќе се зајакне конкурентноста на економијата и ќе се обезбедат подобри услови за граѓанитте од Источна и Западна Македонија“, рече Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.
Според Ставрески, ова е уште една потврда од ЕБОР за здравите економски политики.
Средствата од ЕБОР се добиени под исклучително поволни услови, со рок на отплата од 15 години, грејс период од четири години и каматна стапка која во моментов изнесува 1,15%“.
Мартин Пушевски
