Рутинска средба или почеток на крајот на деценискиот спор?
Македонските познавачи на проблемот со името не мислат дека денешниот состанок на Нимиц со двајцата преговарачи ќе има суштинско поместување од мртва точка, но сметаат дека е добро да се држи фокусот...

Средба, респект, ракување. Македонските познавачи на проблемот со името сметаат дека состанокот на Нимиц со Наумовски и Василакис, нема да биде ништо повеќе од исполнување на дипломатскиот кодекс. Ваквите решенија, велат, ги носат премиерите.
„Ќе променат 2-3 реченици, може дури да има и празнина во сето тоа, така што не сум голем оптимист околу некое брзо решение на овој проблем со оглед дека нашиот па и грчкиот дипломат се само вид техничко исполнување на тоа што за нив треба да решат лидерите, односно владите на двете земји “, вели Нано Ружин, универзитетски професор.
„Содржински тешко дека нешто може да се очекува се додека Самарас е на чело на Грција“, рече Антонио Милошоски, пратеник.
Со ваков интензитет на решавање на деценискиот спор под раководство на ОН нема да има големи промени и во расположението на новиот еврокомесар за Македонија. Милошоски и Ружин велат дека е јасно дека Хан ќе биде комесар за проширување на нешто што нема да се проширува, но затоа сметаат, ќе има друга, уште потешка задача.
„Проширување нема да има во следните 5 или 6 години со ново формално членство, но тоа не мора да значи дека оние кои преговараат нема да можат истите да ги отпочнат или продолжат“, рече Антонио Милошоски, пратеник.
„Најголема тешкотија на овој комесар ќе биде како да го одржи интересот на од една страна државите аспиранти и како да се соочи со нивниот замор и европесимизам, со реформите на државите кои тоа треба да го направат“, рече Нано Ружин, универзитетски професор.
Според нив, на евроинтегративниот пат, Македонија мора да се залага за јасно одвојување на билатералните спорови помеѓу две земјиод процесот на преговори во неа.
Катерина Топалова
