Прва средба Попоски- Хан: Македонија на врвот на агендата за проширување

12.11.2014 17:55

Шефот на македонската дипломатија, рече дека првата средба со еврокомесарот ја искористиле за да имаат отворен разговор околу приоритетите поврзани со извештајот за напредокот...

Во Брисел, прва средба на министерот за надворешни работи Никола Попоски со новиот еврокомесар за соседска политика и проширување, Јоханес Хан. Потребните реформи посочени во последниот прогрес-извештај за нашата земја, рестартирање на сите активности на релација Брисел-Скопје, како и прашањето за името, биле главна тема на средбата.

„Ве уверувам дека Македонија е на врвот на мојата агенда за проширување и јас сакам да истакнам дека кога беше објавено дека нема да има проширување следните пет години, тоа не значеше дека нема да има преговори. Всушност, затоа сум и комесар за преговори за проширување. Се работи за квалитет, не за брзина, за промовирање на економијата и подготовка на идните земји-членки да бидат полноправен член од првиот ден од пристапувањето. Дефинитивно, мој интерес и перспектива е да работам со вас“, посочи комесарот Хан.

Шефот на македонската дипломатија, рече дека првата средба со еврокомесарот ја искористиле за да имаат отворен разговор околу приоритетите поврзани со извештајот за напредокот.

„Го запознав комесарот со Акцискиот план што македонската Влада го има подготвено за надминување на сите предизвици во овој дел. Сметаме дека ќе имаме партнерски однос, што ќе не однесе кон следниот стадиум оти Комисијата и Република Македонија имаат желба да отпочнеме со преговорите за членство“, изјави Попоски.