Мисијата е успешна: „Филе“ се спушти на кометата

12.11.2014 19:11

Сондата, по 7 часовен лет го изведе првото меко слетување на површината на комета во полна брзина. Во 16 часот и 5 минути по Гринич одекна аплауз во контролната просторија во Дармштат. Еуфорија и прегратки за успешната мисија...

Мисијата е успешна! Леталото Фили отвори нова страница во човековата вселенска одисеја. Сондата, по 7 часовен лет го изведе првото меко слетување на површината на комета во полна брзина. Во 16 часот и 5 минути по Гринич одекна аплауз во контролната просторија во Дармштат. Еуфорија и прегратки за успешната мисија.

„Не можеме да бидеме посреќни отколку што сме сега. Дефинитивно потврдуваме дека модулот е на површината“, рече Андреа Акомацо, инженер на Европската вселенска агенција.

„Таму сме и Фили ни зборува. Првото што ни го кажа е дека харпуните се испукани и опремата за слетување е активирана. Стоиме на површината и Фили ни зборува, ќе добиваме уште податоци“, рече д-р Стефан Улемек, менаџер на мисијата на Европската вселенска агенција.

Но само неколку минути по аплаузот, вознемирувачки твит од Европската вселенска агенција – харпуните што требаше да го прицврстат модулот за мразот и правта на кометата 67П не испукале. Нема дефинитивна потврда, но научниците смируваат – Фили потонал 4 сантиметри на површината, завртките се доволни да го прицврстат и да спречат да одлета поради малата гравитација. Почнува првата археолошка мисија во космосот.

„Кометите се фасцинантни. Ни даваат пристап до раната историја на нашиот сончев систем. Ова е археологија во вселената, бидејќи на кометите е зачувана материја од предсоларната магла, времето на постанокот на планетите и сонцето“, рече Герхард Швем, научник.

Првите фотографии веќе пристигнаа на Земјата и се процесираат пред објавувањето. Патувањето на Фили долго 6,4 милијарди километри почна прикачено за матичната сонда Розета пред една деценија. Првиот голем успех на мисијата беше нејзиното будење од хибернација.