Спорот за името главна пречка за евро-интегративниот процес на Македонија
Во Брисел, прва средба на министерот за надворешни работи, Попоски со новиот еврокомесар за соседска политика и проширување, Хан. ,,Македонија е на врвот на мојата агенда за проширување“, изјави новиот еврокомесар...

Перспективите на евро-интегративниот процес на Република Македонија, надминување на блокадата предизвикана од проблемот со името, како и насоките идната соработка беа темите на кои разговараа на првата официјална средба министерот за надворешни работи Никола Попоски со еврокомесар за соседска политика и преговори за проширување, Јоханес Хан. Кој меѓудругото потврди дека Република Македонија останува на врвот на приоритетите на неговата агенда.
„Дискусиите примарно беа поврзани за извештајот за напредокот на државата, и за работите кои треба да се направат. Исто така разговаравме и за тоа како да ги реактивираме сите активности за идното пристапување. Секако го допревме и прашањето за името“, рече комесарот Хан.
„Го запознав комесарот со Акцискиот план што македонската Влада го има подготвено за надминување на сите предизвици во овој дел. Сметаме дека ќе имаме партнерски однос, што ќе не однесе кон следниот стадиум бидејќи Комисијата и Македонија имаат желба да отпочнеме со пристапни преговори. Во овој дел останува единственото прашање – блокадата, односно немањето на консензус во Советот за отпочнување на преговори “, изјави министерот за надворешни работи Никола Попоски.
Министерот Попоски денеска учествуваше и на конференцијата насловена „Европската Унија, Западен балкан и регионална стабилност“ во организација на фондацијата Ханс Седлф Стифлинг на кој како заклучок можеше да се извлече дека секоја земја кандидат за членство преставува тест за Европската унија. И дека ситуацијата во однос на Македонија – држава со 6 последователни препораки а без дадум за почнување на преговори, може да предизвика фрустрации кај сите засегнати страни.
„Да се биде во чекалницата не е лесно, ние бевме таму една година, Македонија е 6 години. Ние навистина треба да го наадминеме ова фрустричко бреме, да бидеме реални, да бидеме отворени и да бидеме обврзани кон европскиот дух“, рече Алојз Петерле, европратеник.
„Во врска со проблемот со името сметам дека тоа прашање треба да биде потикнато од новата Европска Комисија, не би смеело да се остави на некој друг. Мислам дека е чиста политичка одлука на Европската Унија“, рече Андреј Пленковиќ, европратеник.
Преставникот на европската комисија Кас Грање се огради од одговорноста за решавање на спорот и влијанието на Комисијата во одлуките на Европскиот Совет.
Марина Тонева
