Седумдесет години слободно Скопје

13.11.2014 09:25

Централната свеченост ќе се одржи вечер во Македонскиот народен театар каде ќе им биде врачена највисоката градска награда „13 Ноември“ на годинашните добитници...

Денот на ослободувањето на Скопје, 13 Ноември годинава ќе биде одбележан со богата програма под мотото „70 години Скопје слободно чекори напред“.
 
Централната свеченост ќе се одржи вечер во Македонскиот народен театар каде ќе им биде врачена највисоката градска награда „13 Ноември“ на годинашните добитници. Во нивна чест и по повод празникот на Скопје, ќе биде одржана музичко - сценска  изведба „Скопје слободно чекори напред“ во режија на Наташа Поплавска, во која учествуваат врвни балетски и  оперски уметници и актери од Македонија - припадници на повеќе етнички заедници кои живеат во Скопје. 
 
Програмата ќе почне со положување цвеќиња  пред Споменикот на ослободителите на град Скопје,  на платото  пред Владата и пред споменикот на генерал Михалјо Апостолски на Градските гробишта во Бутел.
 
Освен традиционалните настани како крводарителската акција на Црвениот крст, фестивалот „Златно славејче“, финални борби и доделување на Златниот гонг, „Пинг-понг градско првенство на средни училишта на Град Скопје“, Меѓународниот детски ликовен конкурс, манифестацијата Го градиме својот град, ноќна атлетска трка „Низ улиците на Скопје“, Меѓународен шаховски турнир на слепи и лица со оштетен вид, се организирани и голем број манифестации како дел од големото одбележување на овој значаен празник за граѓаните на Скопје.
 
Програмата за одбележување на Денот на ослободувањето на Скопје содржи над 80  настани, во кои годинава се вклучија и општините во Градот Скопје, основните и средните училишта, детски градинки, културни установи, невладиниот сектор,  спортски федерации и клубови.