Нема напредок во разговорите за името

13.11.2014 10:36

Последната рунда разговори за разликата со името во Њујорк не донесе нов предлог за решение, ниту напредок. Нимиц побарал од двете страни да бидат пофлексибилни. Договорено е да продолжат разговорите во наредните месеци...

Медијаторот за разликата со името Метју Нимиц не предложи нов предлог за решение. Оваа рунда разговори во Њујорк не донесе наптредок во приближувањето на ставовите на двете страни. Грција цврсто останува на позицијата за име за севкупна употреба.

„Разговаравме за состојбата со преговорите, за основни работи, за прашањето со името, за различни пристапи за решение. Двете страни ја искажаа искрената намера да се реши ова прашање, да се развиваат добри односи, мир и стабилност во регионот. Знаеме дека ова е многу тешко прашање и денеска немаше големи помрднувања нанапред, но се договоривме да ги продолжиме разговорите во наредните месеци“, изјави Метју Нимиц- специјален пратеник на ОН за разговорите за разликата со името.

Грчките медиуми проволкативно го прашаа Нимиц дали знае за археолошкото откритие што го покажува, според нив, грчкото потекло на Македонија, на што медијаторот Нимиц одговори, јас не сум археолог.

„Нема да одам во археолошки наоѓалишта. Сум бил во многу и сум видел многу откритија и археолошки богатства во многу делови од регионот, и во двете земји инволвирани во овие разговори за името, но и насекаде во светот. Јас ја сакам археологијата, па ги охрабрувам идните археолошки наоди. Нема сомнение дека уште многу ќе се открива за Античките Македонци, коишто дале навистина голем придонес за денешната цивилизација“, нагласи Нимиц.

Многу европски земји и Соединетите Американски Држави се заинтересирани да ја видат Македонија како членка на НАТО и ЕУ, изјави Нимиц. Зашпрашан дали ќе постави рок за завршување на разговорите за разликата со името, Нимиц посочи дека нема бидејќи тој е медијатор, а не арбритар. Додека двете страни сметаат дека сум корисен ќе бидам медијатор, рече Нимиц, сепак не ја исклучи можноста дека ќе се пензионира од ова функција ако се замори од работата.

Македонија побарала од медијаторот Нимиц поголема динамика на разговорите за разликата со името и останува отворена поканата за средби на високи ниво со грчки претставници.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ