Спасов: Се воведува подобар систем за вработување на лица со инвалидност

13.11.2014 12:47

Преку предлозите содржани во новиот предлог закон се зголемува транспарентноста во користењето и располагањето на средствата од посебниот фонд за вработување на лицата со инвалидност...

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов на првата јавна расправа за новиот предлог закон за вработување на лица со инвалидност присутните ги запозна со новините што ги носи предлог законот, истакнувајќи дека се работи за клучна и особено важна реформа.

„Реформа која е во согласност со меѓународните стандарди и ги следи позитивните европски и светски примери, реформа која не само што ќе ја подигне јавната свест за потребите на лицата со инвалидност туку и ќе влијае на менување на состојбата во државата, на значително попристапно општество, попристапни институции, компании, бизниси, сектори, дејности, на менување  на подобро на односот на сите спрема овие наши сограѓани, при што сите заедно ќе придонесеме Македонија да стане многу поинклузивна држава“, рече министерот Спасов.

Преку предлозите содржани во новиот предлог закон се зголемува транспарентноста во користењето и располагањето на средствата од посебниот фонд за вработување на лицата со инвалидност и се уредува професионалната рехабилитација  со цел поголема инклузија на лицата со инвалидност на отворениот пазар на труд и практично се спроведува реформа која во европските држави пред повеќе години е спроведена, соопштуваат од Министерството за труд и социјална политика.

При подготовка на законот користени се искуствата на експерти од Меѓународната организација на трудот, но и искуствата на неколку држави од регионот и западна Европа особено од Австрија, Хрватска, Турција, Словенија и Србија.