Груевски: Напорите за придвижување кон ЕУ и НАТО им даваат сигурност на странските инвеститори
Европската бизнис асоцијација одбележа 10 години постоење...

Македонската економија е интегрирана со европската, го следи и практикува нејзиното законодавство. Целта е да се подобри економскиот амбиент, да се привлечат повеќе странски инвестиции и да се даде шанса на приватниот сектор, од кој се очекува да го генерира економскиот раст. Европската бизнис асоцијација одбележа 10 години постоење.
„Нашите континуирани напори за придвижување на земјата кон Европската унија и НАТО даваат сигурност за странските инвеститори за обезбедување на политичка стабилност, квалитет на институциите и развој на демократските процеси, како и за остварување на економскиот развој“, рече во својот говор премиерот Никола Груевски.
Премиерот Груевски посочи дека Република Македонија во континуитет одржува политичка и макроекономска стабилност како главни предуслови за економски развој.
„Растот на Европската унија се намали, а тоа претставува предизвик за Македонија, бидејќи ние како земја сме интегрирани со европската економија и три четвртини од македонскиот извоз оди во овие земји“, рече вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
Членувањето во оваа бизнис асоцијасија претставува еден од најголемите промотори за привлекување на ивестиции во Р.Македонија.
„Европската бизнис асоцијација, директно или преку своите членки е еден од најголемите промотри за привлекување на инвеститори од Европската унија преку презентирање на сопсатвените искуства и извозот на производи и услуги од Македонија“, изјави првиот човек на Европската бизнис асоцијација, Глигор Бишев.
Европската бизнис асоцијација во Македонија брои 46 членки, водечки компании од областа на телекомуникациите, банкарството, осигурувањето, енергетиката, производството на пијалоци, прехрамбената и кондиторката индустрија, металната индустрија и многу други индустрии.
