Скопје го чествува хероизмот на борците од НОВ

13.11.2014 15:16

Пред Споменикот на ослободителите на градот Скопје, пред платото на Владата на Република Македонија, официјални делегации од нашава земја и од странство, положија цвеќиња во чест на Денот на ослободување на Скопје, 13 Ноември...

Денеска, пред Споменикот на ослободителите на градот Скопје, пред платото на Владата на Република Македонија, официјални делегации од нашава земја и од странство, положија цвеќиња во чест на Денот на ослободување на Скопје, 13 Ноември. Цвеќе положи и тричлена делегација од Град Скопје предводена од градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева.

„Да се биде на денешен ден пред споменикот на ослободителите значи да се оддаде посебна почит на сите што ги дале своите животи за самостојна Република Македонија, благодарност кон сите што својата младост ја вградиле во ослободувањето од фашистичката окупација, на сите што во изминативе седум децении ги реализирале сопствените хумани идеи, но и на сите ослободители што не го дочекале остварувањето на своите и на вековните идеали“, рече градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

Во името на ослободителите на Скопје се обрати Трајко Стаматовски, којшто истакна дека повеќе пати се обраќал од ова место по повод одбележувањето на годишнини од ослободувањето на нашиот сакан град, но годинава празнуваме 70 години  и  му е чест што може да се обрати  од името на учесниците во овој значаен историски настан.

„Денеска имам мотив повеќе за ова мое обраќање, бидејќи тоа се случува на 70 –годишнината од овој величествен настан, кој гледано низ историски рамки, и не е некој долг период, но не е ни мал, а за нас Македонците е извонреден, бидејќи во него ја живееме својата прва вистинска слобода. Јас сум денеска  среќен човек, бидејќи на мојата генерација и падна задачата, заслугата и честа да го постигне тоа. Ги оствари стремежите на сите претходни генерации и го направи тоа исклучиво со сопствени сили“, рече Трајко Стаматовски

Пред споменикот на ослободителите на град Скопје, цвеќиња и венци положија: делегација на Градскиот одбор на Сојузот на борците од народноослободителната антифашистичка војна - Скопје, делегација на Град Скопје, делегација од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, делегација од Кабинетот на Претседателот на Собранието на Република Македонија, делегација од Кабинетот на Претседателот на Владата на Република Македонија, делегација од Министерството за одбрана на Република Македонија, делегација на Генералштаб на АРМ; Делегации од  12-та; 3-та и од 16-та  Македонска народнослободителна ударна бригада, Секцијата на жени борци, делегации од сите Општини на Град Скопје, делегации од јавните претпријатија на Град Скопје, делегации од јавните културни установи на Град Скопје, делегација на Црвен крст на град Скопје и на Република Македонија, делегација на Еврејската заедница, како и делегации на дипломатскиот кор во РМ и граѓани на Скопје.