Пуштени во употреба три повеќенаменски игралишта во тетовско
Пуштени во употреба три повеќенаменски игралишта во тетовско. Ова е дел од проектот на Владата за изградба на 100 маалски игралишта во земјава.

Пуштени се во употреба повеќенаменските спортски игралишта во Челопек и во Ратае, како и спортската сала во основното училиште Коста Рацин во Брвеница.
Во рамки на проектот на Владата и Агенцијата за млади и спорт до сега се изградени 35 спортски сали, а игралиштата се дел од проектот за изградба на 100 такви во земјава.
„Кога на тоа ќе се додадат и 39-те терени за тенис кои до сега се изградени и 28-те тениски терени кои се во градба, слободно можеме да констатираме дека полека, но сигурно, ја менуваме спортската мапа во нашата земја“, изјави Марјан Спасески, директор на Агенција за млади и спорт.
Од општина Јегуновце произлегле врвни спортски имиња. Новото игралиште во Ратае е можност младите повеќе да спортуваат и да го следат нивниот пример.
„Ова е можност за развој, за правилно насочување на нашите млади преку спортот и едукацијата“, рече Тони Коцески, градоначалник на општина Јегуновце.
Во основното училиште во Челопек има над 500 ученици кои сега ќе имаат соодветни услови за спортување.
„Беше повеќе од потребно нашите ученици и нашата младина да добијат еден ваков спортски терен“, вели Енвер Пајазити, градоначалник на општина Брвеница.
Градоначалниците на Јегуновце и Брвеница изразија надеж дека во нивните општини и натаму ќе се градат вакви спортски објекти.
Зоран Јованоски
