Подобра социјална инклузија за лицата со инвалидитет

13.11.2014 16:48

Се отвораат можности за вработувања на околу седум илјади лица со инвалидитет во приватниот и во јавниот сектор во земјава. Со новите законски измени се достигнува европското ниво на социјална вклученост на инвалидизираните, кои не го кријат задоволството за новата државна поддршка.....

Сите приватни фирми и јавни инститиуции со повеќе од 35 вработени ќе мора да вработат и лице со инвалидитет. Целта е да се подобри стапката на вработеност на овие лица. Според „Полио плус“ концептот ќе овозможи нивна подобра социјална инклузија.  Законот на сила од 2016-тата.

„Овој закон претставува еден исчекор напред, меѓутоа предизвиците постојат допрва бидејчќи треба голем дел од членовите од Конвенцијата да бидат  транспонирани во самиот закон“, рече Елена Кочевска од „Полио плус“ движење против хендикеп.

Конечно сме во чекор со европските и земјите од регионот- велат експертите по трудово и социјално право. Лицата со инвалидитет не треба да се избегнуваат, кон нив треба да се негува однос на достоинство како и кон останатите граѓани. 

„Тука се покриваат неколку прашања, како за нивната егзистенција, комункација  со останатите граѓани и подигнување на свеста на работодавачите кои се клуч на злоупотребите во пракса, и на пошироката оппштествена заедница“, вели Лазар Јовевски, доцент по трудово и социјално право.

Компаниите кои нема да го почитуваат законот ќе плаќаат парични казни од една бруто минимална плата. Средствата ќе одат во посебен фонд. Се предвидува и финансиски стимул, за ослободување плаќање социјални придонеси и персонален данок.

„Дополнителна парична помош од 200 илјади денари за сите приватни компании коишто ќе вработат лица со инвалидност за прилагодување на работното место согласно нивните потреби. До 300 илјади денари за заштитните друштва за истата намена, исто така се предвидува 300 илјади денари за грант за самовработување“, рече Диме Спасов, министер за труд и социјална политика.

Според статистиката повеќе од две илјади работодавачи имаат над 35 вработени, со новите законски измени би се вработиле пет илјади лица со инвалидитет, а во јавниот сектор околу 1.700-тини.

Андријана Атанасовска