Се подготвува кривична пријава за осомничените за местење на резултатите на Скопскиот фестивал

13.11.2014 16:54

Четворицата осомничени се товарат за злосторничко здружување и компјутерска измама. МВР спровела акција веднаш по завршувањето на гласањето...

Познат  композитор, сопственик на продукциска куќа, како и управител на друштво кој го организирал телефонското гласање се сомничат за местенки на резултатите  на  Скопскиот фестивал. За првите три места се  предвидени награди од 45 илјади евра.

Четворицата осомничени се товарат за злосторничко здружување и компјутерска измама. МВР спровела акција веднаш по завршувањето на гласањето.

На неколку локации полицијата затекнала 14 малолетни лица, кои гласале по однапред дадени инструкции. Запленила  2.500 СИМ картички и телефони.

Организаторите ги купиле апаратите и картичките од три мобилни оператори. Ги завеле на непостоечки лица и адреси.

„Се претпоставува дека, организаторите за местењето на наградите и пласманот претходно се договарале со  учесниците-изведувачи, кои најчесто се однесувале за давање на услуги по однос на аранжмани за песни или спотови кои требало да бидат изработени од страна на продукциските куќа“, изјави помошник министерот за односи со јавност во МВР, Иво Котевски.

На распит биле повикани тројца од организаторите. Тие побарале адвокат и се бранеле со молчење. Четвртиот не е во државава. МВР подготвува кривична пријава во координација со Јавното обвинителство. Нема индиции за вмешаност на Македонската телевизија, која е организатор на изборот за песна на Евровизија.

„Во однос на Македоската телевизија, досега нема никакви идниции дека била инволвирана на некаков начин, ниту пак дека знаела што точно се случува, ниту пак влијаела на каков било начин во однос на изборот на најдобриот изведувач“, нагласи Котевски.

Полицијата не застанува со истрагата. Можна е вклученост и на други лица. Има индиции дека сега осомничените местеле резултати и на други фестивали.

 

Наташа Гркова- Петрушевска