Познавачите со став: Крајно време е да се стави крај на местењето фестивали!
Откриваат дека блиските соработници на уметниците често се впуштаат и во нелегални комбинаторики со цел да профитираат од манифестациите...

Крајно време е да се стави крај на местењето фестивали, а пејачот кој има најдобра песна да ја добие првата награда, велат за МТВ добрите познавачи на состојбите во естрадата.. Блиските соработници на уметниците често се впуштаат и во нелегални комбинаторики со цел да профитираат од манифестациите, велат соговорниците, па ако доживеат неуспех лиферуваат невистини за нерегуларно гласање и наместени победи.
„Естрадни измамници постојат, а последниве години ја интензивираа својата работа, сите останувавме со подзината уста и колку да укажувавме некако се молчеше. Конечно драго ми е дека и државата реши да стави крај на состојбата која е погубна не само за тој што го организира фестивалот, бидејќи ќе вложи многу и ќе создаде гламур, а на крај се ќе заврши со една бледа дамка“, вели новинарот Антонио Димитриевски.
Сатисфакција за победникот, кеш пари за продукциите, композиторите и студијата. Главните награди, велат познавачите се минорни во однос на сумите што може да се заработат во име на спонзорства и емитувани нумери. Па така, битката не е да се освојат 20-те илјади евра – туку можноста тие да се мултиплицираат во извонредни 300 илјади.
„Предизвикот е да се биде прво место, да се запознае пошироката јавност за победата, или да се надополни музичкото си-ви. Голем бенефит, настрана парите, е што ќе застане да пее на европска сцена“, вели новинарката Весна Миленковска.
За Миленковска воопшто не е спорна победата на Кајмакоски на скопскиот фестивал, затоа што, како што вели пејачот има огромен број на обожаватели и неговата победа била сосема извесна и ја поддржува акцијата да се стави крај на протажирањето лажни идоли кои им ја крадат популарноста на вистинските уметници.
Анита Димитријевска
