70 години Скопје слободно чекори напред

13.11.2014 17:12

Еуфоријата на ослободувањето од фашистичката окупација се прелеа на улиците на Скопје, градот се придружи на редицата ослободени престолнини низ светот. Хроничарот Данило Коцевски се потсетува на деновите кои се запишани во антологијата на ослободувањето и развојот на главниот град.

Во утринските часови на 13 ноември маса народ се слева на скопскиот плоштад. На коњи пристигнуваат македонските борци , а скопјани еуфорично  низ песна ги дочекуваат на плоштадот накитен со цвеќиња и солзи радосници. Вака хроничарот Данило Коцевски го опиша чинот кога пред 70 години Скопје ја доживеа својата слобода. Вели дека граѓаните во 50 –тите години имале мачен живот, но безбеден од окупаторските раце.

„Скопје го фаќа својот чекор,  50 –тите и во времето пред земјотресот Скопје живее мирен живот со кина, театри, ресторани, сите се сеќаваме на тоа убаво време до пред земјотресот“, вели Данило Коцевски.

Како минуваа годините така растеше и Скопје. Градот на солидарноста, повторно се изгради, но и понатаму  го разубавува својот лик. Со модерната архитектура , но и старите обележја по кој е познат, по 7 децении метрополата доби европски лик. Туристите кои се побројни со восхит гледаат на новиот архитектонски подвиг, што го стави Скопје на мапата на најпосакувани дестинации, вели архитектот Вангел Божиновски. 

„Тој прераснува во она што секогаш бил, во космополитски центар, центар на мирот во којшто градбите никнуваат од потребата да се слави животот. Кај нас сеуште сметам дека треба да бидат регистрирани високите квалитети на архитектурата низ вековите“, вели Вангел Божиновски, архитект.

70 години Скопје слободно чекори напред. На овој ден скопјани им оддаваат чест на борците кои го ослободиле нивниот град со ветување дека ќе продолжат да ја чуваат македонската престолнина и заедно да ја креираат иднината за поубав град.

Викторија Тодоровска