Медиумски сензационализам или конкретен интерес?!

13.11.2014 19:14

„Трката по сензационализам може да и наштети на земјата“ - коментар на експерти и новинари за лицитирање за нов предлог за името пред сердбата на Нимиц со преговарачите Наумовски и Василакис...

Ниту Горна, ниту Северна Македонија. Наводните ексклузивни информации кои беа пласирани од некои медиуми за предлогот на медијаторот Метју Нимиц, кој според нив на вчерашната средба требаше да биде ставен на маса пред преговарачите паднаа во вода. Со официјалната изјава по средбата, дека немало конкретен предлог, Нимиц уште еднаш ја донесе до прашање веродостојноста на ваквите информации. За професорката Каракамишева, ваквата трка по сензационализам и конкретен интерес може, многу да и штети на земјава.

„Целта на ова ширење на дезинформации, на медиумски сензационализми во врска со оваа многу битна тема за Република Македонија е да се покаже од една страна македонското неединство, а да се апострофира грчкото единство или грчката унисомност по однос на на ова прашање, или пак грчката крутост или грчката зацементираност“, рече професорката Тања Каракамишева, универзитетски професор.

За новинарот Сашо Дамовски, пак, разбирливо е секој новинар да бара предизвик во ексклузивноста на информациите, но, вели, само доколку се тие вистинити.

„Може да постои и таква манипулација, тоа не можеме да го знаеме, секој може да си измисли Северозападна, Југоисточна, тоа е возможно, тоа е веќе серизен проблем кога се манипулира и кога се сака да се спинува одредена ситуација и да се насочи во една сосема друга насока на подготовка или неподготовка на јавното мислење во одредена држава“, рече Сашо Дамовски, новинар.

Според Дамовски, во ваквите случаи кои стануваат пракса, најважен е изворот од кои доаѓаат информациите.

Катерина Топалова