Македонските вина промовирани во Шангај
14.11.2014 09:14
Десет македонски винарии организирани преку Здружението „Вина од Македонија“ учествуваат на интернационалниот саем за вино и жестоки пијалоци ProWine China...

Македонското вино по промоцијата во Хонг Конг, деновиве се промовира на саем во Шангај, Кина на кој се присутни над 1.000 изложувачи од 20 земји од светот и привлекува повеќе од 20.000 увозници и дистрибутери на вино.
Заедно со останатите вински земји во светот, десет македонски винарии Тиквеш, Сковин, Стоби, Бовин, Езимит, Далвина, Камник, Попов, Имако и Попова Кула организирани преку Здружението „Вина од Македонија“ учествуваат на интернационалниот саем за вино и жестоки пијалоци ProWine China каде здружено се промовираат пред професионалната публика на Шангај - увозници, дистибутери, преставници на ХоРеКА сегментот, вински критичари, новинари и сомелиери.
Учеството на саемот и Националниот павиљон се поддржани од страна на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија преку програмата за поддршка на извозот на македонски производи, во чии рамки се обезбеди финансиска поддршка за простор и штанд од 90 м2 за македонски компании производители на вино.
