Канализацијата во Букурешт- врата на пеколот во европска Романија

14.11.2014 12:17

Три години откако го посетија првите новинари, кралот на романското подземје е се уште жив и продолжува со својата благородна мисија – да направи дом од канализацијата под Букурешт за отфрлените. Ова е споменикот на срамот на европска Романија...

Шахта во центарот на Букурешт е вратата на пеколот на Европската унија. Кралот на подземјето Брус Ли ги пречекува гостите новинари. Долу има цигли за да не се гази во фекалиите. Пеколно топло од системот за греење од времето на Чаушеску, а меѓу електричните жици се плеткаат мачиња и кучиња. Овде живее семејство од неколку стотици членови, кои веќе не ја ни забележуваат смрдеата.

„Овде не смеат да се тепаат, да пијат и да растураат. Мора да се почитуваме едни со други. Овде се сметаме за дел од семејството“, вели Брус Ли.

Тој одгледува веќе неколку генерации сирачиња од транзициска Романија. Родителите немале како да се грижат за нив, а домовите не биле подготвени за бранот сирачиња. Брус Ли ги собира тие што никој не ги сака. Децата доаѓаат и си одат, кое од дрога, кое од сида, кое од туберкулоза.

„Да не беше тој, ќе бевме мртви“, вели една жена.

„Државата не прави ништо за нас. Ние не сме ништо за нив. Не гледаат како да сме животни, ни судат, не презираат“, додава Брус Ли.

Брус Ли го организира секојдневието во заедничкиот дом – ја горат пластиката, а железото што ќе остане го продаваат. Исто така крадат. Купуваат храна и облека. Флоријан, ветеран од канализацијата заедно со девојка му и 7-годишната ќерка оди да купи нови игли. Ќе изгледаа како обично семејство да не дишеа од кесите полни со автолак.

„Не, не допирај го кучето. Ти го чепкам ли јас тебе детето“, им рече една жена во автобусот во кој се возат.

Брус Ли не се смета себеси за мафијаш, туку за модерен Робин Худ. Вели, бездомници сме, но се трудиме да создадеме подобра иднина.

 

Ивана Салтировска