Меѓусебна соработка за борба против нетолеранцијата

14.11.2014 12:39

По повод Меѓународниот ден на толеранцијата, МАНУ организираше национална конференција на тема „Институционален одговор кон нетолеранцијата – дискриминација и криминал од омраза“...

Потребен е институционален одговор на нетолеранцијата, дискриминацијата и криминалот од омраза. Нужна е поголема толеранција кон секое отворено и добронамерно, пред сѐ критичко гледање, сериозна научна анализа и дијалог за сите општествени прашања, и нетолеранција кон какви било манипулации во формирањето на јавниот интерес, порача првиот човек на МАНУ, академик Владо Камбовски.

„Националните, етничките, верските и другите замислени или природни заедници мораат консензуално да ги дефинираат рационалните правила на толеранција, најпрвин како ’модус вивенди’ а потем и како добра основа и за сопствен развој низ интеркултурализам и плурализам“, нагласи претседателот на МАНУ, академик Камбовски.

Неказнувањето ја поткрепува секојдневната омраза. Судството и правните институции ја поставуваат вистинската рамка каде да не води дебатата и што всушност е говорот на омраза, смета француската амбасадорка во земјава, Лоренс Оер.

„Треба навистина да има институционални одговори во правните рамки, затоа што неказнувањето предизвикува нова омраза. Но, за да се постигне тоа треба навистина образувани правници“, нагласува француската амбасадорка, Лоренс Оер.

Различноста често е извор на поделби и непријателства, а рецепт за развој и просперитет во едно разнолико општество, според амбасадорот Ралф Брет е да се обезбеди почит.

„Работејќи заедно можеме да развиеме механизми за борба против разликите во постапувањето, или нападите засновани на неприфаќањето“, рече шефот на мисијата на ОБСЕ во Република Македонија, Ралф Андреас Брет.

Борбата против нетолеранцијата е долга и сложена, велат експертите, во неа ќе се успее само ако меѓусебно се соработува.

 

Лидија Чакар