Поради долгови, струшките училишта од вчера се без струја
14.11.2014 13:57
Доколку пред една недела во Струга беше проблем парното греење во училиштата и тоа се надмена, сега има нова ситуација, ЕВН ги исклучи и од напојување со електрична енергија. Сите основни училишта во Струга се соочуваат со истиот проблем...

Во Кичево, Охрид, а денес и Струга основните училишта останаа без електрична енергија. Наставата се одвива во ладни и слабо осветлени простории и часови со скратено времетраење од 10 до 15 минути. Најголем проблем се уште претставува греењето кое иако е на нафта сепак работи со помош на електрична енергија. Настинки, студ и недоволна светлина е денешната слика во основните училишта во Струга.
Блокираните сметки и неплатените долгови кон ЕВН се главна причина за новонастаната ситуација.
„Овој проблем датира од пред неколку години. Нашето училиште имаше некаде околу еден милион денари неплатени сметки за електрична енергија. Проблемот ескалираше вчера во пладневните часови“, вели в.д. директорот на ОУ „Јосип Броз Тито“ од Струга, Тони Савески.
Од општина Струга направиле барање за плаќање на рати на електричната енергија, но и тоа не им било дозволено. Од таму ја превземаат обврската да го платат целиот износ од 5 милиони денари, но соработката со ЕВН ќе биде преиспитана, изјави првиот човек на општина Струга.
„Веќе е неподнослив овој начин на однесување. Да преземаш вакви мерки во ова време кога веќе и се скратува денот и кога електричната енергија е неопходно средство за да функционираат школите, тоа е уцена“, рече градоначалникот на Струга, Зијадин Села.
Овој проблем со електричната енергија и греењето во струшките училишта се провлекува од 2011-тата година. Од општина Струга изјавија дека во најскоро време со средства од општинскиот буџет и овој проблем ќе биде надминат.
Јованчо Наумоски
