Доделени првите бесплатни елаборати за легализација на дивоградби
До надлежните пристигнале над 1.000 барања. Тие ќе бидат разгледани во наредениот период...

60 годишната Божа Савеска е речиси неподвижна, прима инвалидска пензија, живее сама, вратата од куќата ја отвораат единствено соседите. Во куќичката живее веќе три децении. Наскоро во Kатастарот ќе биде заведена и како нејзина сопственост.
„За мене тоа значи стреа над главата. Јас не можам да одам по тие врати да ја вршам таа работа“, вели Божа Савеска.
Со врачување на бесплатниот геодетски елаборат на Божа започна испраќањето на документи за легализација на бесправно изградени објекти за социјално ранливи категории граѓани.
„Катстарот ќе ги достави до службена должност до општините за да не мораат физичките лица да одат до општината, а исто така, ќе им достави копија до физичките лица. На 400 семејства ќе им овозможиме бесплатна легализација“, рече министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.
До надлежните пристигнале над 1.000 барања. Тие ќе бидат разгледани во наредениот период.
„Со овој проект во значителна мера им помагаме на приметлите на социјална и постојана парична помош како и на граѓаните кои имаат ниски приходи, односно приходи до 14.000 денари месечно“, изјави министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
Ресорните министери ги повикаа граѓаните од социјално ранливите категории да поднесат барање. Рокот истекува на 31-ви декември 2015 година.
Наташа Јачиќ
