70 компании на Саемот за вработување во Охрид- се очекуваат 100 нови вработувања
Седумдесет компании од Југозападниот дел на Македонија зедоа учество на четвртиот Саем за вработување кој се одржа во Охрид. По стварениот непосреден контакт помеѓу работодавачите и невработените лица од Агенцијата за вработување на Република Македонија очекуваат до крајот на месецот сто нови вработувања во овој регион...

Наместо да биде само регистратор на слободни работни места, Агенцијата за вработување преку ваквите активности станува активен посредувач помеѓу работодавачите и невработените лица, рече директорот на Агенцијата, Влатко Поповски. Тој очекува за 15-тина дена по одржувањето на саемот да има 100 нови вработувања во регионот.
„Денеска тука имаме 70 компании од регионот на Охрид и охридско, односно од Југозападниот дел на Македонија, кои што и излегоа во пресрет на Агенцијата. Тие ги отворија своите врати да покажат какви места за вработување имаат во нивните компании. Се надевам дека денеска ќе биде успешен ден“, изјави директорот на АВРМ, Влатко Поповски.
Саемот беше ретка можност за да се оствари непосреден контакт помеѓу работодавачите и невработените лица. Но исто така придонесе учениците да ги увидат потребите на пазарот на труд и каде треба да го насочат своето образование.
„Да се утврдат одредени грешки што постојат помеѓу сферата на образованието и бизнисот. Тука постои јаз кој треба да се надмине и да се формираат образовни програми кои ќе бидат адаптибилни и компатибилни во функција на бизнисот“, смета Јован Баткоски, Директор на Агенција за вработување- Охрид.
Во општина Охрид има 3.700 лица кои активно бараат работа. Поради тоа локалната самоуправа ќе даде свој придонес во нивната доедукација и преквалификација, со што ќе се обезбедат потребните профили за производните центри.
Сашо Нелоски
