Првиот бренд на „Филип Морис“ излезе од комбинатот во Прилеп
Договорот за стратешко партнерство меѓу Филип Морис и Тутунскиот комбинат од Прилеп го исфрли првиот бренд од американскиот гигант на македонскиот пазар, произведен во новата, заедничка компанија. Од Филип Морис најавуваат нови проекти за земјава...

Еден од трите водечки меѓународни брендови на Филип Морис излезе од производствените погони во Прилеп. Два месеца откако новата компанија „Филип Морис – Тутунски комбинат Прилеп ДОО Скопје“, во која американскиот гигант има 51% од капиталот, стана целосно оперативна, на домашниот пазар е лансиран новиот производ. Менаџментот, за да се заштити од конкуренцијата, не ги открива идните бизнис – планови, но во нив е вклучен и самиот Тутунски комбинат.
„Имаме многу интересни планови за развивање на нашето деловно работење во Р. Македонија. ТКП ќе произведува одредени производи од асортиманот од новото друштво „Филип Морис - Тутунски комбинат Прилеп ДОО Скопје“,што ќе зависи од исполнувањето на стандардите. Филип Морис ќе ја пружи целата своја експертиза и знаење за да се подобрат производните процеси и погони во ТКП“, изјави Емре Козлу, директор на Филип Морис – Тутунски комбинат Прилеп.
Директорот на Тутунски, Александар Дерменџиев, смета дека Комбинатот е подготвен да одговори на високите стандарди поставени од американскиот партнер.
„Ние ќе продолжиме да се подобруваме во машинскиот дел, односно во производството, ќе продолжиме со едукација и со тренинг на нашите луѓе, се со цел да ја зголемиме нашата конкурентност“, нагласи Александар Дерменџиев, директор на Тутунскиот Комбинат од Прилеп.
Во меѓувреме, се прават анализите колкумина од вработените во ТКП ги исполнуваат условите доброволно да си заминат со отпремнина, која максимално би достигнала и до 15 илјади евра.
Мартин Пушевски
