Да не се земаат на своја рака: Употребата на антибиотиците зголемена за 10%

14.11.2014 16:29

Според податоците на Фондот за здравство најмногу од овие лекови се пијат во Куманово, а најмалку во Крушево...

Антибиотиците се сѐ послаби за бактериите и стануваат имуни со неконтролирана употреба на овие лекови. Микробиолозите велат дека во вакви случаи лекувањето оди многу тешко.

„Има случаи кога ние микробиолозите ќе изолираме бактерија од крв и нема антибиотик со кој може да се лекува пациентот. Ретки се тие, меѓутоа постојат“, вели микробиологот, д-р Никола Пановски.

„Доколку дозволиме отпорноста на бактериите да достигне толку високо ниво ќе дојдеме до ситуација да неможеме да се лекуваме ни за вообичаените настинки и инфекции“, изјави д-р Голубинка Бошевска, Институт за јавно здравје.

За десет проценти е зголемена употребата на антибиотиците годинава за разлика од лани. Според податоците на Фондот за здравство најмногу од овие лекови се пијат во Куманово, а најмалку во Крушево.

„Република Македонија се вбројува во земјите кои што најмногу трошат антибиотици во Европа, секако и во регионот“, нагласува Христина Христова, директор на Сектор фармација при ФЗОМ.

Иако антибиотиците се многу евтини во споредба со други лекови, нивното производство чини многу пари.

„Проблемот е што немаме нови антибиотици на листата и се одзема 5 – 10 години да се развие нов антибиотик, чини 10 билиони евра да се создаде ново лекарство и затоа голем број компании не развиваат нови состојки, бидејќи е многу скапо“, вели проф. Херман Гусе, Европски центар за контрола на болести.

На Европскиот ден за рационална употрена на антибиотиците, домашни и странски доктори им порачаа на пациентите дека не треба да ги земаат на своја рака.

 

Андријана Атанасовска