Скијачки скокови, новогодишна турнеја „Четири скокалници“

Аман најдобар во Оберстдорф

30.12.2013 12:03

Швајцарскиот ветеран Симон Аман е изненадувачки победник на натпреварувањето во германскиот зимски центар Оберстдорф, со коешто синоќа почна 62.издание на спортската манифестација која традиционално го привлекува вниманието низ светот при преминот од една во друга година, новогодишната турнеја во скијачки скокови “Четири скокалници“.

Иако дури четирикратен олимписки лауреат, а потоа и победник на Светскиот Куп, Симон Аман досега нема триумф на турнејата којашто е спортски белег на новогодишниот период од сезоната во белите спортови. Можеби токму годинава ќе ја оствари целта, ако ја задржи формата којашто ја покажа на скокалницата „Шаценберг“. Со далечините од 139 и од 133 метри, 32-годишниот Аман ја забележа 21-та победа во Светскиот Куп, на којашто чекаше од првиот ден на 2011, кога последен пат славеше во Гармиш.

По двете серии Швајцарецот собра четири бода повеќе од Норвежанецот Андерс Бардал, којшто имаше должини од 133 и од 133,5 метри. Третото место го поделија најпријатното австриско изненадување, Томас Дитхарт со скокови од 139 и од 134,5 метри и Словенецот Петер Превц, којшто забележа далечини од 139,5 и од 134 метри.

Изгледот на пиедесталот во Оберстдорф е сосема поинаков од прогнозите, бидејќи резултатски потфрлија водечките сезонава во Светскиот Куп. Австриецот Грегор Шлиренцауер беше деветти со 20 бода помалку од аман, а Полјакот Камил Штох заврши тринаесетти со негатива од дури 29 бода. Огромните минуси обајцата ќе мора да почнат да ги надополнуваат веќе на 1 јануари, кога турнејата продолжува со новогодишниот натпревар во Гармиш-Партенкирхен.