Кичево: 1.200 ученици не следат настава- нема со што да се затоплуваат!

14.11.2014 16:44

Во кичевските училишта ситуацијата со наставата шарена. 1.200 ученици од две основни училишта 15-ти ден без настава, огрев и струја, едно основно и гимназиите работат континуирано...

Веќе 15 дена нема настава за 1.200 ученици во двете основни училишта во Кичево – во „Кузман Јосифоски Питу“ и во „Владимир Полежиноски“. Освен без огрев, четири дена се и без струја за неплатени сметки повеќе од една година. Оттаму се уште бараат решение од општината.

„Бараме од градоначалникот помош за да се реши овој проблем, бидејќи учениците губат наства“, вели Орце Наумоски, директор на ОУ „Кузман Јосифоски-Питу“.

Во третото основно училиште „Санде Штерјоски“ и во двете гимназии „Мирко Милески“ и „Дрита“ наставата е континуирана, без прекин во топли училници за 3.600 ученици. Во „Санде Штерјоски“ иако нема струја, се снаоѓаат со агрегат и стари резерви нафта.

Локалните власти во Кичево остануваат на ставот и две недели по протестот на родителите. Сами не може да ја решат ситуацијата.

„Значи, не сме во состојба да ги снабдуваме. Доставивме барање до Владата да ни одговори позитивно и стоковите резерви со нафта за греење“, вели градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари.

Според информациите, кичевската гимназија „Мирко Милески“ деновиве ги троши последните резерви нафта.

 

Елизабета Митреска