За десет месеци 110 жртви на македонските патишта

14.11.2014 17:21

Превенцијата е неопходна за да се стави крај на фаталните последици од сообраќјни несреќи. Надлежните децидни - нема толеранција за никого што не ги почитува правилата...

110 лица го загубиле животот на патиштата низ државата во изминатите 10 месеци. Превенцијата е неопходна за да се стави крај на фаталните последици од сообраќјни несреќи. Надлежните децидни - нема толеранција за никого што не ги почитува правилата.

„Сепак сме одлучни во нашиот пристап кон подигање на безбедноста во сообраќајот на едно високо ниво, притоа јасно демонстрирајќи дека нема никаква толеранција за алкохолизирани возачи, за неисправни возила на коловозите, за непочитување на прецизните сообраќајни правила и прописи“, рече Гордана Јанкуловска, министер за внатрешни работи.

Во пресрет на одбележувањето на Светскиот ден на сеќавање на жртвите во сообраќајот, акцент ставен на употребата на мобилните, конзумирањето алкохол и опојните дроги, како најголеми опасности.

„Да не се употребува дрога, да не се вози под дејство на алкохол и воопшто да не употребуваат мобилните телефони“, рече Никола Ангеловски, претседател на Советот на РСБСП.

Експертите предупредуваат – во крвта да нема и ни од дозволениот процент на алкохол.

„Онаа фамозна граница од 0,5 промили којашто нашите позитивни законски прописи ја дозволуваат при управување со моторно возило може да предизвика проблеми кај возачите, односно да дојде до пореметување на одредени нивни способности кои можат да бидат причина за сообраќајна незгода“, рече д-р Андон Чибишев.

Медицинските тимови – превенцијата е најбитна.

„На траума-центри во Македонија имаат и софистицирани опрема и кадар да ги решаваат и згрижуваат овие повредени или жртви од сообраќајните незгоди. Многу поважна е превенцијата“, рече д-р Виктор Камиловски.

Кампањата „Почитувај ги правилата, почитувај го животот“ веќе ги дава резултатите. По набљудување на повеќе илјади возила за користење на сигурносни појаси предводник на совесноста е Демир Капија а на дното се наоѓа Кичево.

Наташа Гркова-Петрушевска