Спектакуларно издание на Скопскиот фестивал, еве дел од постфестивалската атмосфера

14.11.2014 18:19

По теркот на Евросонг и интерпретаторите се потрудија да вложат максимум труд и ангажираност во осмислување на своите настапи, со коишто целиот концепт на фестивалот доби сосема нова и свежа визура...

Македонската Радио Телевизија оваа година подготви навистина спектакуларно издание на Скопскиот фестивал, по теркот на европските и светски стандарди со директен  ТВ пренос  достоен за националниот РТВ дифузер, којшто го проследија илјадници гледачи ширум  Македонија, Европа и светот. Слушнавме 20 нови композиции во придружба на Големиот Ревиски оркестар на МРТ, кои ја збогатуваат  македонската музичка архива, а некои од нив со сигурност ќе останат запаметени уште долги години потоа. Актерот Васил Зафирчев во улога на водител на фестивалот, заедно со членови  од ансамблот на Македонската Опера и Балет со мошне атрактивни точки, ги надминаа  сите очекувања на публиката.

Спектакуларната сцена со сета грандиозност во однос на лед екраните и видео анимациите, осветлувањето, со ефектни видео материјали за водителот и атрактивните најавни клипови за секој од учесниците, специјално снимени на 20 различни локации во Скопје, му дадоа на фестивалот еден нов и современ дизајн.  По теркот на Евросонг и интерпретаторите се потрудија да вложат максимум труд и ангажираност во осмислување на своите настапи, со коишто целиот концепт на фестивалот доби сосема нова и свежа визура.

Наградата за животно дело на композиторот Димитар Масевски му ја врачи македонската поп дива Калиопи. Во чест на долгогодишната соработка, статуетката за посебен придонес во име на  семејството на Даниел Милошовски и „Авалон продукција“  ја прими Каролина Гочева, по настапот во ревијалниот дел од шоуто.

Македонската Радио Телевизија оваа година одлучи конечниот пласман на сите 20 композиции  и најдобрите да биде одреден од гласови на публиката преку телевоутинг и гласови на меѓународно стручно жири на 7 радио телевизиски центри, во однос 50 : 50 %, според евровизискиот принцип на гласање.

И додека постфестивалската атмосфера се подгрева со очекувањата  и информациите од истрагата на МВР за можните малверзации  и групно гласање во телвоутингот, Ви пренесуваме дел од атмосферата  на забавата одржана во ексклузивниот и единствен од ваков вид на Балканот и поширокиот регион – ресторанот  „Ројал “ или познат меѓу Скопјани како „Галија на Вардар “.

Пријатната атмосфера во ресторанот, присуството на видни личности од културното миље на земјава, учесниците и авторските тимови од фестивалот, оригиналниот ентериер и пред се исклучително врвната услуга на комплетниот менџерски тим и персонал на ресторанот „Ројал“ ,  направија едно крунско зокружување на годинашното издание на Скопскиот фестивал  2014 во предвечерието на празникот на градот Скопје- 13 ти Ноември.

Наскоро следуваат нови информации за се што се случуваше на фестивалот на забавни мелодии „Скопје 2014“...