Ново софтверско решение за олеснување на работата на судиите
Ако скопскиот суд со меѓународна потерница бара лице осомничено за убиство, а истовремено судот во Кавадарци го бара за тешка кражба, штом странската полиција го уапси, во барањето за екстрадиција ќе се напишат сите дела за кои е обвинет...

Софтвер кој ги интегрира сите криминали што ги направил еден ист сторител им стои на располагање на македонските судии. Тоа значи дека ако скопскиот суд со меѓународна потерница бара лице осомничено за убиство, а истовремено судот во Кавадарци го бара за тешка кражба, штом странската полиција го уапси, во барањето за екстрадиција ќе се напишат сите дела за кои е обвинет.
„Станува збор за систем кој овозможува собирање на сите податоци во една централна база, треба да им помогне на самите судии за полесно работење, односно кога се работи за едно лице да се знаат сите постапки за конкретното лице“, рече Дејан Ристовски, портпарол на Кривичниот суд – Скопје.
Досега судовите не беа поврзани во централен систем, што резултираше со одолговлекување на постапките.
„На секој судија ќе му биде овозможена информација дали за некој од обвинетите лица во неговите предмети иам издадено наредба за приведување или потерница, известување дневно до судијата во случај кога некој од обвинетите лица за неговите предмети е приведено во друг суд“, рече Горан Митев, информатичар.
Во моментов течат 505 интерни и меѓународни потерници. Новиот систем треба да профукционира до нова година.
Анита Димитријевска
