Следната недела започнува доисплатата на субвенциите

14.11.2014 19:34

Премиерот Груевски ги информираше претставниците на земјоделците дека врз основа на оваа информација Владата одлучи од следната недела да се започне со доисплата на овие субвенции кон сите приматели кои ги исполнуваат условите од законот, соопшти владиниот Сектор за односи со јавноста....

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, денеска оствари средба со претставниците на земјоделските здруженија. На средбата присуствуваа Вељо Тантаров-претседател на Сојузот на земјоделците, Ефтим Шаклев-претседател на Асоцијацијата на земјоделци, Никола Стаменов-претседател на Федерација на фармери и Ставре Јанев-претседател на Синдикатот на земјоделците, како и заменик министерот за земјоделство шумарство и водостопанство г-дин Ванчо Костадиновски.

На средбата, како што известуваат од Владата, се разговарало за поголем број на проекти, мерки и активности во областа на земјоделството.

Соговорниците дале позитивна оценка за соработката која се остварува помеѓу институциите на државата и земјоделските субјекти, и ја истакнаа својата посветеност за понатамошно унапредување на сите сфери кои се од интерес за земјоделскиот сектор во земјата.

На средбата се разговарало и за доисплатата на земјоделските субвенции за кои постоеја определени предизвици кои беа предизвикани од процедурални и технички причини.

Претседателот на Владата истакнал дека на минатата владина седница беше разговарано за оваа тема, при што Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информираше дека се надминати процедуралните и технички предизвици и дека предметите се комплетирани.

Премиерот Груевски ги информираше претставниците на земјоделците дека врз основа на оваа информација Владата одлучи од следната недела да се започне со доисплата на овие субвенции  кон сите приматели кои ги исполнуваат условите од законот, соопшти владиниот Сектор за односи со јавноста.

Претставниците на земјоделците ја поздравиле оваа одлука и истакнаа дека средствата кои ќе се добијат од Владата ќе придонесат за работата и развојот на земјоделците.

Воедно на средбата е договорено дека согласно календарот за исплата на субвенции, во текот на месец ноември ќе се започне со исплата на субвенциите за житните земјоделски култури од реколтата во 2014 година.