Згрижувачкото семејство- шанса за топол дом за детето

15.11.2014 13:41

Судбината со Сузана си поиграла да нема свои деца, но желбата да пружи родителска љубов и грижа не згаснала,топол дом кај неа во изминатите 12 години почувствувале голем број деца кои не по своја вина биле лишени од раст во вистинско семејство...

Детски џагор и смеа не пречека во куќата на 50 годишната Сузана Величковска од Куманово која има згрижено четири дечиња. Судбината со Сузана си поиграла да нема свои деца, но желбата да пружи родителска љубов и грижа не згаснала,топол дом кај неа во изминатите 12 години почувствувале голем број деца кои не по своја вина биле лишени од раст во вистинско семејство.

„Претходно овие дечиња немале многу љубов, внимание и сега им недостига тоа. Едноставно тие ми кажуваат дека сакам да ги бакнам, гушнам, да им кажам убав збор, вели Сузана Величковска, згрижувач од Куманово.

Најмалиот член на семејството има 4 години, а највозрасниот 10. Откако станала згрижувач Сузана, ја оставила работата и целосно им се посветила на децата.

„Многу време, труд и работа им посветувам, но и тие ми враќаат. Навечер сите се до мене, ни едното од нив не заспива без мене“, додава таа.

Во Куманово има седум згрижувачки семејства каде што се сместени околу 20- тина дечиња. За секое дете државата одвојува одредена сума паричен надоместок во висина од 6.000 до 9.000 денари.Од  Центарот за социјални работи упатија апел до граѓаните да се вклучат во оваа хумана работа, да дојдат во ценарот и да се информираат за критериумите.

„Ние ги следиме овие семејства, доколку има некој пробелм заеднички го решаваме, затоа што овде се работи за деца кои не биле родителски згрижени, а исто така во семејства имаме и деца со пречки во развој“, изјави Наџије Мустафа, педагог во Ценар за социјални работи Куманово.

Сузана е горда на децата што ги чувала кои веќе се пораснати и станале свои личности.Вели дека голем дел од нив контактираат со неа и ја ја посетуваат и додаде дека се надева дека барем едно од децата ќе остане со неа на старост.

 

Габриела Димковиќ