По неколку дефекти дневно во тетовскиот водоводен систем
Дотраениот водоводен ситем во Tетово е причина за појава на неколку дефекти дневно. Затоа жителите на некои тетовски населби остануваат без вода. Тетовци бараат поквалитетно водоснабдување, особено сега со зголемувањето на цената на водата…

Работници од тетовското комунално санираат дефект на водоводната мрежа. Овој пат се работи за стар индивидуален приклучок.
Во просек по три дефекти дневно се појавуваат на водоводниот систем во Тетово. Причината е неговата дотраеност. Затоа некои тетовски населби остануваат без вода.
Овој период издашноста на шарските извори е околу 360 литри во секунда што е над просекот за овој период од годината.
„Во моментов можеме да кажеме дека имаме доволни количини вода за пиење. Поради намалената потрошувачка системот е максимално напнат, има силен притисок. Затоа се случуваат девекти. Мрежата е дотраена и најчесто се работи за дефекти на индивидуални приклучоци“, изјави Самедин Абедини – Раководител во ЈКП Тетово.
Сепак, тетовци се незадоволни зошто покрај доволната количина вода за пиење, често остануваат без неа поради дефекти. Бараат поквалитетно водоснабдување особено сега со зголемувањето на цената на водата.
„Некогаш има, некогаш нема, ја прекинуваат. Слабо е во последно време, нема притисок, а цените се зголемени. Каде што има хидрофори има и вода, а во некои згради нема“, велат жители на Тетово.
Во тек е изградбата на новиот зафат од водоводот со кој долгорочно треба да се обезбеди доволно вода за пиење. Но честите дефекти се показател дека е потребна и обнова на постојната водоводна мрежа.
Зоран Јованоски
