МРТ меѓу домородните Американци: Враќање на традицијата за инспирација на младите генерации

15.11.2014 13:58

Македонската телевизија имаше ексклузивно право да ги сними овие припадници на индијанските племиња Маскоки, Навахо и Ламби-Лероу...

Индијанците или домородните Американци како што повеќе сакаат да се нарекуваат младите генерации се уште се горди припадници на најстарите жители во Соединетите Американски Држави. Танцувачката група „Горди домородни уметници“ им ја доближува индијанската традиција на Американците. Македонската телевизија имаше ексклузивно право да ги сними овие припадници на индијанските племиња Маскоки, Навахо и Ламби-Лероу.

„Здраво мои пријатели. Јас сакам да танцувам и овде е прекрасно“, вели Лари.

Лари Јази е припадник на племињата Маскоки и Навахо. Преку танц тој ги запознава Американците за традицијата на Индијанците. Во 21-от век, домородните Американци не учат за својата традиција на училиште, бидејќи се вовлечени во американскиот образовен систем.

„Треба да го балансирате Вашиот живот. Јас се враќам дома на нашиот традиционален начин на живот, на церемониите, на нашиот јазик што се уште се зборува денеска. Мајка ми одлично го зборува јазикот Маскоки. Секогаш учам од јазикот колку што можам. Живееме во 21-тиот век и има доста надворешни влијанија во мојот живот, но и кај помладите генерации. Затоа со создавање на овој танц открив дека е многу важно да се инспирираат нашите деца да продолжат понатаму, да бидат она што се“, изјави Лари Јази од индијанското племе Маскоки од Централна Ајова.

Ники Сантос е од племето Навахо, едно од најбројните племиња. Жените кај американските Индијанци  биле и исцелувачи со танци.

„Фустанот што го носам се вика фустан со тропалки. На него има детали што го симболизираат дождот. Индијанците веруваат дека дождот има лековити дејства и дека прочистува. Танцот што го одиграв се вика медицински танц“, вели Ники Сантос од индијанско племе Навахо.

Индијанците на почетокот биле мирољубиви кон доселениците од Европа, па дури и ги спасиле од глад, па затоа во денешно време секој ноември се празнува Денот на благодарноста. По обидот за нивна асимилација настанале конфликти и раселување на Индијанците во резервати. 

„Мојот танц е традиционален машки танц. Тој е најстариот танц во Северна Америка. Ја раскажува приказната за непријателите на Индијанците, како се молеле пред битките со непријателот, како тоа некогаш било на бојното поле“, раскажува Вилијам Чарлс Ворвик Јуниор од индијанското племе Ламби-Лероу.

Некогаш Индијанците биле ловци и се занимавале со земјоделство. Денеска тие имаат легални коцкарници во резерватите, а малкумина поседуваат и приватни бизниси.

Во Америка живеат 5,2 милиони припадници на разни индијански племиња.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ