Македонија- светла точка и економски лидер во регионот

15.11.2014 17:09

Вака е прикажана земјава во најновата економска анализа на Европската комисија, што ја пренесуваат некои медиуми во регионот. Според документот, Македонија бележи значителен раст на БДП, наспроти слабеењето на економијата во другите земји од Западниот Балкан, особено нагласен во Србија и Албанија...

Македонија светла точка и економски лидер на Западен Балкан. Вака е прикажана земјава во најновата економска анализа на Европската комисија, што ја пренесуваат некои медиуми во регионот. Според документот, Македонија бележи значителен раст на БДП, наспроти слабеењето на економијата во другите земји од Западниот Балкан, особено нагласен во Србија и Албанија.

Според анализата најмал дефицит од 1,2 отсто од БДП има Македонија, додека во останaтите земји од регионот тој се движи од 7,0 проценти во БиХ, до 11,6 во Албанија и 15,2 отсто од БДП во Црна Гора.

Европската комисија заклучува дека кратко траело опоравувањето на економијата кое почнало во 2013-тата година. Единствено, стои во извештајот,  значителен раст покрај Македонија има и Косово, а се должи на приватната потрошувачка предизвикана од растот на платите во државниот сектор и пензиите.

Европската комисија забележува дека Македонија и Албанија имаат раст на вработеноста благодарејќи на силното заздравување на преработувачката индустрија.

Во анализата стои дека поплавите во мај во Србија и Босна и Херцеговина имале катастрофални  последици по инфраструктурата и предизвикале огромни загуби во прозводството, особено во рударството и енергетиката.

Во Црна Гора и Албанија пак нискиот раст се должи на падот на индустриското производство. Во економската анализа на Европската комија се наведува дека и невработеноста во Западен Балкан е доста висока особено меѓу младите иако во последниве месеци дошло до незначително намалување на невработеноста во регионот.

Во Косово невработеноста изнесува 30 насто, 28 проценти во Македонија и во Босна и Херцеговина, околу 20 проценти во Србија и 18 насто во Албанија стои во документот што во детали го пренесува агенцијата бета.

Во регионот паднале и цените на храната, облеката, комуникациите и транспортот. Банките во регионот незначително го зголемиле обемот на кредити за компаниите, при што најголема стапка на ненаплатени банкарски кредити има во Албанија од 24 насто и во Србија од 23 проценти, оценува Еврокомисијата во анализата.

Урамнотежување на буџетските трошоци е забележано во Албанија и Црна Гора, во голема мерка поради зголемената наплата на даноци, додека во Србија и БиХ има влошување на економските состојби и падна приливот во буџетот, како резултат на поплавите, се наведува во анализата нa ЕК.

 

Викторија Тодоровска