Наместо победа за прво место, несреќен пораз на Вардар
Околу 6.000 присутни присуствуваа на најголемата ракометна драма досега во “Јане Сандански“ која на крајот резултира со несреќен пораз на Вардарци...

Уште еден спектакуларен меч на Вардар во Л Ш, против минатогодишниот учесник во Фајнал 4 Веспрем. Околу 6.000 присутни присуствуваа на најголемата ракометна драма досега во “Јане Сандански“ која на крајот резултира со несреќен пораз на Вардарци. Унгарците почнаа во голем стил, со цврста одбрана и брза транзиција во играта за 10 минути поведоа со 7 : 3, предводени од Зајц и Угалде кои ги казнуваа техничките грешки на домаќинот. Кон средината на полувремето вардарци ги поврзаа линиите и направија серија за израмнување на 8:8, но потоа Веспрем одново ја презеде контролата и го доби првиот дел со 13:11.
Многу поквалитетно беше по паузата, Вардар со постојан притисок најпрвин успеаја да израмнат а веднаш потоа и да поведат со 18:17 на половина од вториот дел. Во 48 минута по атракцијата на Душебаев и Карачиќ имаа и 21:19, но дозволија гостите со серија од 3 гола да се вратат во водство. Вардар возврати преку Брумен и Карачиќ за гол предност, а решавачкиот момент се случи на 80 секунди пред крајот. Миклер го одбрани пеналот на Брумен и наместо два предност за Вардар, во последната минута Веспрем постигна два гола преку Родригез и Илиќ за минимална победа 24:23 со која се зацврсти на лидерското место со 10 бода, 3 повеќе од Вардар. Карачиќ со 8 гола беше најефикасен на натпреварот, а кај гостите Илиќ постигна 6 погодоци.
