Фудбал

Далеку е Франција

16.11.2014 11:20

Сам по себе поразот од Словачка не е ниту неочекуван, ниту е трагично да се загуби од селекција која за 75 места котира подобро на ФИФА листата. Деморализирачки е само начинот на кој е загубена битката. Депримирачки е и нашиот лет во место, кој трае...

Загубен е еден од клучните дуели од квалификациите. Словачка продолжува триумфално да јава кон Париз.Македонија  се обиде да и се придружи, но одново се покажа дека е тоа натпреварувачко темпо за кое нема капацитет да го следи.Се менуваат селекторите, се појавуваат нови имиња кои го носат македонскиот репрезентативен дрес , а резултатската немоќ останува. Сам по себе поразот од Словачка не е ниту неочекуван, ниту е трагично да се загуби од селекција која за 75 места котира подобро на ФИФА листата. Деморализирачки е само начинот на кој е загубена битката. Депримирачки е и нашиот лет во место, кој трае.

„Сакавме низ игра да дојдеме до голот на Словачка, но нашата одбрана не беше на нивото  што го барав“, беше првичната констатација на македонскиот селектор Бошко Ѓуровски.

Свесни за сопствените можности, Словаците истрчаа во Скопје и како вешти ловци стрпливо ја демнеа шансата. Македонија влезе храбро во надигрување, но брзо стана лесен плен заплеткувајќи се во сопствената мрежа. Подоцна , со товарот од два гола на плеќи , залудна беше надмоќноста на македонските играчи во второто полувреме.

„Првиот гол беше круцијален за исходот натпреварот. Во продолжение одигравме добро, задоволен сум од нашата игра и залагањето“- вели Ѓуровски.

Јунак-трагичар на вечерта беше Александар Трајковски. Од прекините кои се покажаа како единствената можност и најсилна закана го избомбардира словачкиот гол.Младиот наш јуришник немаше среќа, сантиметри му недостасуваа да се прослави и да го смени текот на натпреварот.

Како натаму!

Словачка, Шпанија и Украина и побегнаа на Македонија од видното поле на квалификацискиот пат за Франција. Теоретски трката сеуште не е загубена, но по синоќешниот пораз да се бркаат посилните од себе, е скоро илузија.Пропуштен е и овој воз за пат во високото фудбалско друштво, но квалификациите траат и можеби е добро да се искористат за целосно подмладување на репрезентацијата.По синоќешниот пораз имаше такво навестување и од селекторот Бошко Ѓуровски.

Вреди да се размисли!