„Златоврв“ од Прилеп, најстариот планинарски клуб во земјава прослави 90 години

16.11.2014 16:28

Планинарството во Македонија има долга традиција, а официјално 90 години. Ова само зборува за негувањето на многу спортски активности кај нас, од кои пак се развиваат нови како на пример болдерингот...

Најстариот планинарски клуб во Македонија „Златоврв“ од Прилеп прослави 90 години од своето постоење. Формиран далечната 1924 година тогаш бил собирен центар на прилепската елита и авангарда. Освен спортувањето тука се гаеле и револуционерните идеи за независна Македонија.

Златоврв имаат членувано голем број наши познати личности, како што се Методија Андонов Ченто, Мирче Ацев, Кузман Јосифоски Питу, Даре Џамбаз, Трајко Тарцан и многу други.

Клубот е доказ дека прилеп отсекогаш бил урбана средина со напредни идеи.

„Се покажува дека Прилеп бил градска средина во која што луѓето покрај работата чувствувале потреба да своето слободно време го искористуваат и за рекреација како што е прошетката по планините“, вели Ице Белокапоски, член на Златоврв.

Златоврв со текот на времето ги следел модерните трендови, и денес освен планинарската има уште 3 други секции, за спортско качување или болдеринг, ориентација во простор и спелеологија.

„Учествуваме во голем број на натпревари, во Европа во скоро секоја држава, потоа учествуваме и светски првенства“, рече Мери Чкрипеска, член на Златоврв.

„Имаме истражено над 200 пештери што во Македонија што во странство, сме извеле над 100 спелеолошки акции од кои повеќе се повеќе дневни, и активно учествуваме на голем број меѓународни експедиции и кампови“, вели Марјан Темоски, член на Златоврв.

„Она што не прави особено горди е што тука својот пат го наоѓаат голем број на млади, кои се вложуваат во клубот, тренираат, сакаат да постигнат добри резултати и ние секако тоа во иднина и ќе го продолжиме“, изјави Златко Ангелеси, Претседател на Златоврв.

Во иднина планираат да формираат тим за спасување во пештери и да ја збогатат меѓународна соработка.

 

Дарко Штаргоски